Испрати по е-пошта

МЕПСО ја модернизираше трафостаницата Кавадарци

Монтирани и инсталирани се нови прекинувачи, разделувачи и изолаторски вериги со што е заменет системот за управување со пневматски погон кој беше во функција од 1967 година

МЕПСО ја замени опремата што беше во функција повеќе од педесет години и ја заврши модернизацијата на трансформаторската станица „Кавадарци“. Монтирани се и ставени во погон нови разделувачи на сите осум полиња во трафостаницата и заменет е системот за управување со пневматски погон кој беше во функција од 1967 година. 

Со модернизацијата сите елементи ќе се управуваат со систем на електромоторен погон. Освен нови разделници монтирани се и прекинувачи за три полиња, нови изолаторски вериги во целата постројка, нови фундаменти на елементите од примарната опрема и нови кабли за сигнализација и управување со елементи од постројката. 

Вкупната инвестиција во нова опрема е околу 260.000 евра, а сите работи за монтажа на елементите ги изведоа стручни лица од МЕПСО. Со овие активности се монтирани 23 разделувачи, 3 нови прекинувачи, изолаторски вериги и друга додатна опрема. Модернизацијата на трансформаторската станица започна во мај 2017 година и траеше 2 години. 

Трафостаницата „Кавадарци“ е најважниот електроенергетски објект во преносната мрежа за снабдување со квалитетна електрична енергија на тиквешкиот регион. Преку оваа трафостаница со електрична енергија се снабдува целото население во кавадаречкиот регион и целата индустрија (освен ФЕНИ кој има и сопствена трафостаница). Од системски аспект оваа трафостаница е значајна зашто е поврзана со трафостаницата „Дуброво“, хидроцентралата „Тиквеш“, а го поврзува Кавадарци со Велес и со Прилеп.

Новата опрема овозможува доверлива и сигурна работа за идните триесетина години и справување со сите идни предизвици кои може да дојдат со зголемената потрошувачка на електрична енергија. Во оваа трафостаница наскоро треба да се поврзе и индустрискиот капацитет ИГМ Кавадарци, а новата опрема ќе ги сведе на минимум и ризиците од дефекти и трошоците за одржување на опремата. 

Објавена на: 5/29/2019 10:52:25 AM