Испрати по е-пошта

МЕПСО ги отвори трафостаниците во тиквешкиот регион за пракса на учениците од електротехничката струка

Учениците од електротехничката насока на средното училиште „Киро Спанџов“ од Кавадарци ќе можат да посетуваат практична настава во трафостаниците на МЕПСО во тиквешкиот регион во тек на летниот период и во тек на учебната година, предвидено е во Меморандумот за соработка што го потпишаа г-дин Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО и Драги Ташев, директор на кавадаречкото училиште. 

Меморандумот за соработка предвидува учениците да добијат практични знаења од предметот „Разводни постројки“ кои ќе им ги пренесат искусните стручни лица кои работат во трафостаниците „Кавадарци“ и „Дуброво“.Освен праксата МЕПСО отвори можност за донации во проекти кои го унапредуваат образовниот процес, а се разгледуваат и опциите за донирање високонапонска опрема во функција на нагледни средства за училиштето.
- Во име на предвидените активности приоритетно се насочуваме кон збогатување на знаењето на учениците за кои ширум ги отвараме вратите на нашите трафостаници во Кавадарци и во Неготино- Дуброво, каде што преку практична настава во присуство на надлежни од нашите трафостаници, по сите безбедносни стандарди и правила, ќе се потрудиме да им обезбедиме оптимални услови преку кои ќе добијат неопходни знаења, кои утре ќе им бидат најважни во креирањето на својата професионална кариера, потенцираше Василевски.
Директорот Ташев соопшти дека со овој проект очекува значајно да се зголеми интересот за електротехниката заради тоа што учениците ќе добијат можност и преку тек на учебна година да добијат практични познавања и да согледаат како функционира трафостаница. 
Објавена на: 7/2/2019 5:55:54 PM