Испрати по е-пошта

Донација на ЈЗУ У ГАК од А.Д. МЕПСО и од Агенцијата за катастар на недвижности

Донација од три респираторни машини од најнова генерација за неонатална вентилација за новороденчиња, во вредност од речиси 100 илјади евра, доби ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. 
Средствата за доопремување на одделот за неонатална нега и терапија со најсовремена медицинска опрема (ОИНТ) се обезбедени од две општествено одговорни државни институции - Агенцијата за катастар на недвижности и АД МЕПСО, а апаратите се наменети за респираторна поддршка на новороденчиња, особено за многу предвремено и екстремно предвремено родени бебиња, под 30-та гестациска недела. 

- Многу сум среќна што со денешните донации на одделот за интензивна нега и терапија на клиниката, осигуруваме уште подобри услови за лекување во согласност со светските стандарди, на предвремено родените бебиња кои престојуваат кај нас, со што ќе им се олесни да ја извојуваат својата борба за живот и правилен развој. Искрена благодарност на А.Д. МЕПСО и на Агенцијата за катастар на недвижности, како и на сите кои учествуваа во реализација на донацијата за помошта која несебично ни ја дадовте и ви посакуваме преку вашите позитивни професионални резултати да ви се врати сета добрина и хуманост која ја покажавте за најчувствителната група новороденчиња, на кои најмногу им е потребна помошта - потенцираше директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство д-р Викторија Јовановска.
Благодарение на донациите кои беа промовирани денеска, ЈЗУ У ГАК е првата здравствена установа во земјава што ги има овие машини кои се најнова генерација на респираторни вентилатори и лансирани се само пред две години во светски рамки.
- Благодарни сме што имавме можност да бидеме дел од ова донација. За овој краток период колку што сум во МЕПСО, мислам дека ова е една од најубавите и најхуманите донации што ги направивме. Свесни сме дека Клиниката за гинекологија и акушерство, како централно родилиште во државата, секојдневно се соочува со предизвиците што ги носи животот. По бројките што ги слушнавме околу растечкиот број на предвремено родени дечиња, големо е задоволството да се помогне во грижата и негата тие да се извлечат од критична состојба. МЕПСО е општествено одговорна компанија која континуирано поддржува проекти од јавен интерес . Апаратот кој го донираме, респираторна машина за интензивна нега и терапија е од витално значење за предвремено родените и болни бебиња. Секое бебе е наше дете, а секое дете е нашата иднина. Со овој мал гест на нашата компанија сакаме да ги зголемиме шансите за живот на малите новороденчиња но и да помогнеме нашиот здравствен систем да се доближи до европските стандарди. Се надевеме дека и во наредните годиини ќе бидеме ваш соработник – изјави Ева Шуклева, генерална директорка на А.Д. МЕПСО, Ева Шуклева.

- Се работи за донација на апарати наменети за најмладите генерации, односно за дечињата кои се борат за живот и посакуваме да успеат во таа борба. Ние во иднина како општествено одговорна институција ќе продолжиме да бидеме дел од овие хумантитарни донации – истакна директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, Борис Тунџев. 
Началничката на одделот за интензивна нега и терапија, педијатар Рената Димитриоска рече дека со обезбедувањето на новите апарати иновирани во последните две години, се овозможуваат поголеми шанси за преживување на бебињата. 
- Со обезбедувањето на три најнова генерација на респиратори дизајнирани за менаџирање на вентилација на новороденчињата, се овозможува континуирана поддршка на респираторната функција со комплетно решение. Апаратот нуди софистицирана нежна вентилација во комбинација со квалитет и сигурност. Во еден уред се интегрирани врвна класа на различни респираторни режими и алатки кои му даваат предност на овој апарат пред другите вентилатори и со што се постигнува нашата цел – поголеми шанси за преживување на нашите бебиња. Со ова стануваме дел од светските одделенија за интензивна нега кои ја користат оваа последна технологија, со која се означува новата ера на потпомогнато дишење – рече педијатар Рената Димитриоска.

Државниот секретар на Министерството за здравство, д-р Владимир Милошев додаде дека со 100.000 вредната донација, се зајакнуваат капацитетите на Клиниката за гинекологија и акушерство со три респираторни машини. 
- Ова е специјална опрема која ќе спасува што повеќе живот на најмалите дечиња. Чест ни е да се заблагодариме во име на Министерството за здравство за тоа што присуствуваме на еден убав настан со што го продолжуваме континуитетот на зајакнување на капацитетите на јавните здравствени установи со опрема. Би сакал да се заблагодарам на МЕПСО и на Агенцијата за катастар и недвижности за донацијата на три респираторни машини за високофрекфентна вентилација со што ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на работата на клиниката – рече доктор Милошев.
Објавена на: 12/27/2019 3:48:06 PM