Испрати по е-пошта

АД МЕПСО за прв пат додели стипендии на тројца студенти на универзитетот „Мајка Тереза“

А.Д. МЕПСО додели стипендии на тројца студенти на Факултетот за технички науки на Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје. Бесар Сефедини, Емир Имери и Семине Незири се првите стипендисти на АД МЕПСО и студенти во втора година на Техничкиот факултет при овој универзитет.
Новите стипендисти на АД МЕПСО ќе добиваат годишна стипендија во износ од 80.000 денари. На огласот за стипендирање можеа да конкурираат сите студенти на Техничкиот факултет од насоките: електроенергетски системи, индустриски менаџмент, мехатроника, машинско инженерство и менаџмент кои имаат просек на оценки од положени испити од најмалку 8,00 и да се за прв пат запишани во II академска година во учебната 2020/21 година.

Изборот на првите стипендисти на А.Д. МЕПСО е резултат на Меморандумот за соработка што нашата компанија и Универзитот „Мајка Тереза“ го склучија лани во ноември. Меморандумот за соработка што тогаш го склучија проф. д-р Азис Положани, ректорот на универзитетот и Билен Саљији, заменик – генерален директор на АД МЕПСО. Освен соработката на научно-теориско поле меморандумот предвидува и практична настава и поддршка за студентите со можност за обезбедување стипендии за студенти на додипломски и на постдипломски студии на стручни насоки кои се од интерес на МЕПСО.
Објавена на: 11/17/2020 9:47:25 AM